Арсими продолжува со засилувањето на тимот пред новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, а клубот денеска официјално ги претстави голманот Ристе Јанков и дефанзивецот Мухарем Мислими.
Двете нови имиња треба да донесат дополнителна конкуренција во составот и да му помогнат на тимот од Чегране во предизвиците што го очекуваат во новата прволигашка сезона.
Мухарем Мислими има 26 години и настапува на позицијата лев бек. Во Арсими пристигнува од Башкими, каде што играше минатата сезона, а претходно својата кариера ја започна во младинските категории на Шкендија. Со тетовскиот клуб настапуваше и во УЕФА Лигата на младинци.
Во продолжение на кариерата, Мислими беше дел од Дрита, Велешта, Тетекс и Беса, а последните две сезони ги помина во Башкими, со кој настапуваше во највисокиот ранг на македонскиот фудбал.
Покрај Мислими, Арсими го засили и голманскиот ред со ангажманот на Ристе Јанков. Дваесет и седумгодишниот голман во Чегране пристигнува од Македонија ЃП и зад себе има значително прволигашко искуство.
Јанков во досегашната кариера го носеше дресот на Шкендија, Тиквеш и Брегалница, а настапуваше и во странство, каде што бранеше за романската Политехника Јаши и казахстанскиот Каспи.
Сепак, најдолг период од кариерата го помина во Работнички, каде што во еден период настапуваше и како позајмен фудбалер во Локомотива Скопје.
Новиот голман на Арсими има и репрезентативно искуство. Беше дел од младинските селекции на Македонија, а во еден период беше повикуван и во сениорскиот национален тим.
Со ангажманот на Јанков и Мислими, Арсими продолжува активно да го комплетира составот и да создава конкурентен тим за новата сезона во ПМФЛ.
