Топлотниот бран што ја зафати земјава продолжува и денеска, со максимални температури кои на места достигнуваат до 40 степени. Според најавите на синоптичарите, сончево и многу топло време ќе преовладува и утре, додека од четврток се очекува мало освежување и пад на температурите за неколку степени.
Денеска најтопло е во Демир Капија и Гевгелија, каде максималната температура достигна 40 степени. Времето во текот на денот е сончево и многу топло, со слаб ветер од северен правец.
Земјава и денеска е под влијание на топлотен бран со високи температури, поради што надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита на здравјето.
Од здравствените власти препорачуваат да се избегнува излегување на отворено без потреба во најтоплиот дел од денот, односно од 11 до 17 часот. Особено се советува да се избегнува напорна физичка активност во овој период.
За оние кои мораат да бидат на отворено, се препорачува да носат лесна и светла облека, капа и заштитни очила, како и да користат средства за заштита од сонце. Важно е да се внесуваат поголеми количества течности и да се избегнуваат алкохолни и засладени пијалаци.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) посочува дека посебно внимание треба да се посвети и на разликата меѓу температурата во климатизираните простории и надворешната температура.
Ако надворешната температура е околу 39 степени, се препорачува климатизерите да бидат поставени на околу 25 степени, со цел организмот полесно да се прилагоди при излегување надвор.
„Меѓу општите јавно-здравствени препораки што треба секој да ги почитува, основна и прва, е да се избегнува напорна физичка активност во текот на денот – и тоа од 11 до 17 часот. Доколку на таа температура се изложени работниците, особено оние кои работат на отворено, треба да имаат повеќе паузи во текот на денот, помалку да бидат изложени на сонце и да престојуваат под сенка, како и да внесуваат големи количества течности“, укажуваат од ИЈЗ.
Во однос на исхраната, се препорачува да се консумира лесна храна, со помалку масти и калории. Треба да се избегнува и храна со големо количество шеќери, особено во најтоплиот дел од денот.
Посебно внимание треба да посветат лицата над 65-годишна возраст, хронично болните и бремените жени. На лицата кои редовно земаат терапија им се препорачува да не ја прекинуваат без консултација со лекар, а доколку не се чувствуваат добро, да се обратат кај својот матичен лекар.
За постарите лица кои живеат сами се препорачува да бидат во редовна комуникација со роднини, пријатели или соседи, особено во периодите на највисоки температури.
Бремените жени треба да ги следат препораките на своите матични гинеколози, додека хронично болните лица треба редовно да ја земаат пропишаната терапија и да избегнуваат непотребно изложување на високи температури.
Доколку се појават симптоми како вртоглавица, силна главоболка, мускулни грчеви, нарушена свест или губење на свеста по изложеност на високи температури и сонце, потребно е веднаш да се побара медицинска помош.
Во итни ситуации граѓаните можат да се обратат на бројот 194 или на единствениот број за итни случаи 112.
Според прогнозите, сончево и многу топло ќе биде и утре, додека од четврток се очекува мало намалување на температурите и постепено олеснување на топлотниот бран.
