Во вилата „Билјана“ во Охрид денеска ќе се одржи јавна дискусија на тема „Меѓуврсничко насилство и вандализам: Млади, училишта и дигитален простор“, на која ќе учествуваат младински активисти, ученици, психолози, експерти и претставници на институциите.
Настанот се организира во пресрет на 12 Август – Меѓународниот ден на младите, а воведни обраќања ќе имаат претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според Кабинетот на претседателката, иницијативата е на Советот за млади и има за цел да отвори поширока институционална дебата за справувањето со меѓуврсничкото насилство, вандализмот и предизвиците што ги носи дигиталниот простор.
Во фокусот на разговорите ќе бидат три клучни теми: примената на постојниот протокол за постапување во училиштата, обезбедувањето поддршка за жртвите и пристапите за промена на однесувањето на насилниците, како и можните политики за ограничување или регулирање на користењето на социјалните мрежи кај децата и младите на возраст од 14 до 16 години.
Организаторите очекуваат од дискусијата да произлезат конкретни предлози и препораки што ќе придонесат за поефикасна заштита на младите и создавање побезбедна училишна и дигитална средина.
