Температурата на океаните во јули достигна највисоко ниво досега забележано за овој месец, покажуваат најновите податоци на службата на Европската Унија за следење на климатските промени „Коперник“.
Просечната температура на површината на морето, надвор од поларните региони и меѓу 60 степени северна и 60 степени јужна географска ширина, минатиот месец достигнала 20,96 степени Целзиусови. Со тоа е надминат претходниот јулски рекорд од 20,89 степени, регистриран во 2023 година.
Јули годинава бил вториот најтопол јули во светската историја, со просечна температура која била 1,47 степени Целзиусови над проценетиот прединдустриски просек, според податоците на „Коперник“, пренесува Би-Би-Си.
Особено загрижувачка е состојбата во Европа. Западниот дел од континентот ги забележал најтоплите јуни и јули откако се вршат мерења, а долготрајните топли и суви периоди придонесоа за појава и ширење на голем број шумски пожари.
Во Велика Британија се очекува нов топлотен бран, петти годинава, додека продолженото сушно време дополнително ги намалува резервите на вода.
Рекордно високи температури на морската површина во јули биле измерени и долж атлантскиот брег на Европа и во западниот дел на Средоземното Море. Ваквите услови придонесуваат за појава на силни и долготрајни морски топлотни бранови.
На климатските услови дополнително влијае и Ел Нињо, природен временски феномен во Тихиот Океан кој, во комбинација со глобалното затоплување, може да доведе до дополнителен пораст на температурите и поизразени екстремни временски појави.
Проблемите не се ограничени само на високите температури. Франција, Шпанија, делови од Германија и Велика Британија бележат исклучително малку врнежи од почетокот на летото. Влажноста на почвата во голем дел од Западна Европа е значително пониска отколку во 2022 година, кога регионот беше погоден од силна суша.
Дополнително загрижува и состојбата со европските реки. Водостоите се значително под просекот, а меѓу најпогодените се Сена, Рајна и Дунав.
Научниците предупредуваат дека комбинацијата од рекордни температури на океаните, сушата, ниските речни водостои и почестите топлотни бранови е уште еден показател за сè поизразените последици од климатските промени.
