Најмалку 75 лица загинаа, а десетици се повредени во силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што денеска го погоди западниот дел на Колумбија, предизвикувајќи големи материјални штети и уривање на повеќе објекти.
Според Американскиот геолошки институт, земјотресот се случил во 7:34 часот по локално време, а епицентарот бил во близина на градот Сан Хозе дел Палмар, во департманот Чоко, на длабочина од 107 километри.
Најголем број жртви се регистрирани во Переира, каде што загинале најмалку 40 лица. Во департманот Вале дел Каука се потврдени 27 загинати, четири во Чоко, три во Манизалес и едно лице во Антиокија, кое загинало при одрон на карпа.
Земјотресот бил почувствуван низ цела Колумбија, како и во Венецуела, Еквадор и Панама. Во Кибдо се урнала четирикатна зграда, а локалните власти предупредуваат на сериозни оштетувања на повеќе објекти и можност од нови потреси.
Во главниот град Богота жителите во паника ги напуштиле домовите, но засега нема информации за загинати. Властите пријавуваат само помали оштетувања на дел од зградите.
Според локалните медиуми, оштетени се повеќе од десет аеродроми, а во Кали и Манизалес паднале фасади од бројни објекти. Во Манизалес е оштетена и една од кулите на градската катедрала. Се стравува дека непознат број луѓе се заробени под урнатините на околу 20 срушени згради во Кали.
Колумбискиот претседател Абелардо де ла Есприела соопшти дека лично ќе ја координира владината реакција во најпогодените подрачја и најави итна помош за настраданите.
Колумбиската геолошка служба соопшти дека ова е најсилниот земјотрес регистриран во земјата во последните десет години.
