Полицијата приведе едно лице во врска со тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи во Скопје, а во која животот го загуби 19-годишен мотоциклист, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, вчера напладне во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Радишанска“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „алфа ромео“ со италијански регистарски ознаки, управувано од С.Б. (47) од Скопје, и мотоцикл „кавасаки“ со скопски регистарски таблички, управуван од Н.М. (19) од селото Побожје.
Од здобиените повреди мотоциклистот починал на местото на несреќата. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција. Возачот на автомобилот се здобил со телесни повреди.
Од МВР информираат дека при увидот, како и по анализата на обезбедена видеоснимка, било утврдено дека во предизвикувањето на несреќата, иако без физички контакт, учествувало и патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки. Според полицијата, возачот по несреќата го напуштил местото без да им укаже помош на повредените.
По преземените оперативни мерки, синоќа во селото Арачиново биле пронајдени возилото и неговиот возач С.О. (46) од Арачиново, кој е лишен од слобода и спроведен во полициска станица. За случајот се води истрага.
Според официјалните податоци, во Македонија во 2025 година во сообраќајни несреќи загинале 132 лица, додека во 2024 година животот го загубиле 142 лица. Од нив, 26 жртви во 2025 година биле возачи или сопатници на мотоцикли или мопеди, додека во 2024 година тој број изнесувал 14.
