Просечната оценка од годинашното полагање на матурата изнесува 3,66, соопштија министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска-Михајловска. Оваа година за првпат се полагаа три типа матурски испит – државна, државна стручна и државна уметничка матура.
Просечната оценка на државната матура е 3,62, на државната стручна матура 3,91, а на државната уметничка матура 3,59.
Јаневска оцени дека резултатите се објективни и речиси идентични со минатогодишниот просек од 3,69. За полагање во јунската испитна сесија биле пријавени 14.587 ученици, а на испитите не се појавиле 348 матуранти или 2,39 проценти. Државна матура полагале 12.184 ученици, државна стручна 2.276, а државна уметничка матура 127 ученици.
Најголем дел од матурантите како изборен предмет повторно го избрале англискиот јазик, кој го полагале 13.208 ученици. Испитите се одржаа на 6 и на 11, односно 12 јуни. Од Министерството за образование оценуваат дека новиот концепт на матурата е успешно реализиран. Конечните резултати се објавени по разгледувањето на сите поднесени приговори.
