Крушево вечерва го отвора годинашното издание на традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, со која се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и формирањето на Крушевската Република. Во програмата се вклучени комеморативни настани, изложби, свечена церемонија и традиционалниот пречек на коњаниците.
Чествувањето започнува со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, а делегации ќе ги посетат и Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во Смилево, гробовите на Питу Гули и Тоше Проески, Партизанските гробишта, криптата на илинденските востаници и бистата на Веле Марко.
Во 18 часот, пред црквата „Свети Никола“, ќе биде организиран свечен пречек на меѓу 120 и 140 коњаници кои пристигнуваат од различни делови на државата. По пречекот, тие ќе продефилираат до платото на Гумење, продолжувајќи ја долгогодишната илинденска традиција.
Во 19:30 часот, пред споменикот „Илинден“, Државниот архив ќе ја отвори изложбата „Илинденското востание во архивската меморија“, а централната свеченост ќе започне во 20 часот на Гумење. Предвидени се обраќање на градоначалникот Нико Чонески, читање на Крушевскиот манифест и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче.
Општина Крушево е покровител на манифестацијата, додека музичката и забавната програма ќе се одржува во Градскиот парк.
Централното одбележување на Илинден продолжува утре, на 2 Август, со народниот собир на Мечкин Камен, каде што е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
