Со најавените високи температури до 40 степени Целзиусови во наредниот период, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предупредува на зголемен ризик од труење со храна и упатува апел до граѓаните да бидат особено внимателни при набавка, транспорт, складирање и подготовка на прехранбените производи.
Од АХВ посочуваат дека топлотниот бран не претставува опасност само за луѓето, туку и за животните, поради што е потребно навремено обезбедување доволни количества безбедна храна и свежа вода.
За намалување на ризикот од труење, граѓаните се советуваат храната да ја купуваат само од регистрирани и проверени продажни места, каде што производите, особено оние од животинско потекло, се чуваат во соодветни разладни услови.
Агенцијата препорачува да не се купуваат производи со оштетена или надуена амбалажа, а замрзнатите и разладените производи да се земаат последни при пазарење. Лесно расипливата храна, како месо, млеко и јајца, не треба да се остава долго време во возила или на директна топлина.
Разладените производи треба да се чуваат на температура под 5 степени Целзиусови, додека храната што бара термичка обработка треба да биде добро зготвена на температура над 60 степени. Овошјето и зеленчукот треба внимателно да се мијат под млаз вода, а суровите производи од животинско потекло соодветно да се обработат пред консумирање.
По готвењето, храната треба брзо да се излади и да се складира во фрижидер. Од АХВ советуваат зготвената храна да се чува на повисоките полици, а суровата на пониските, за да се спречи можна контаминација.
Граѓаните треба храната да ја заштитат и од инсекти, глодари и домашни животни.
При посета на угостителски објекти, АХВ препорачува избор на локали кои ги исполнуваат хигиенските стандарди. Во објектите за брза храна се советува внимателност со производи како мајонез, крем-салати, сосови и преливи, особено доколку не се чуваат во соодветни ладилници.
„Доколку се сомневате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја“, апелираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
