Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречиле обид за нелегален пренос на девизи, при што биле откриени и запленети 64.250 евра во готовина, информираат од Царинската управа.
Случајот бил откриен при влез во државата, кога бил извршен преглед на автомобил со германски регистарски таблички управуван од грчки државјанин.
На прашањето од царинските службеници дали има нешто да пријави, патникот навел дека носи 60.000 евра и приложил документ за пријава на средства издаден при влез во Србија.
Сепак, поради сомнеж во неговата изјава, царинските службеници, во соработка со полициски службеник од Фронтекс, извршиле детална контрола на возилото. При претресот биле пронајдени вкупно 124.250 евра во готовина.
Согласно Законот за девизно работење, на лицето му биле вратени пријавените 60.000 евра, додека останатите 64.250 евра биле привремено одземени.
Против грчкиот државјанин е поднесена прекршочна пријава пред надлежниот суд.
