Денеска по пријава за незаконска интервенција во водоводната мрежа на подрачјето на општина Гостивар полицијата спроведува истражни мерки, а за расветлување на случајот се вклучија Обвинителството, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.
По појавата на зголемен број на пациенти со стомачни тегоби во изминатите десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се спроведат вонредни контроли на водата за пиење која се дистрибуира во градскиот водовод во Гостивар.
Од одделението за хигиена и здравствена екологија при центарот за Јавно здравје Гостивар, потврдија дека вчера е спроведена вонредна контрола и дека се земени примероци од четири мерни места, а последните три анализи минатиот месец покажале дека водата во гостиварскиот водовод била здрава и безбедна за употреба.
Од општата болница „Ферид Мурад“ потврдија дека во инфективното и детското одделение има зголемен број на прегледи и граѓани кои се жалат на дијареја, болки во стомакот, повраќање и покачена температура. Според првичните наоди и клиничка слика најверојатно се работи за сезонски вирози и дека нема епидемиолошка поврзаност.
