Од почетокот на јули во земјава се потврдени уште 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози, информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Болеста е регистрирана во повеќе одгледувалишта во населеното место Саса во општина Македонска Каменица, селото Соколарци во општина Чешиново-Облешево, селото Бигла во општина Делчево, селата Малино и Косевица во општина Свети Николе, како и во селото Сопот во општина Куманово.
Со новите случаи, бројот на потврдени жаришта во земјава достигна 17, при што се заболени повеќе од 2.700 животни. Болеста е потврдена во 15 одгледувалишта на овци и во две одгледувалишта каде се одгледуваат овци и кози.
Првото жариште беше откриено во јануари годинава во селото Лопате, општина Куманово.
Од АХВ информираат дека по добивањето согласност за локации за закопување на животните, ќе продолжи процесот на депопулација во новите жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе.
Досега Агенцијата извршила депопулација на повеќе од 1.400 животни, а последниот случај бил спроведен во одгледувалиште во селото Сопот, каде била применета механичка метода за евтаназија.
Во меѓувреме, АХВ одржала работна средба со здруженијата на одгледувачи на овци и со Сојузот на одгледувачи на овци на Македонија, на која била разгледана актуелната епидемиолошка состојба и проблемите со кои се соочуваат сточарите.
На средбата биле презентирани и мерките што ги презема АХВ за спречување на понатамошното ширење на болеста, како и биосигурносните препораки што треба да ги применуваат одгледувачите.
Од Агенцијата апелираат сточарите навремено да ги пријавуваат сомнителните случаи кај надлежните ветеринарни служби, со цел побрзо реагирање и ограничување на ширењето на болеста.
