На втората меѓународна донаторска конференција за обновата на Појасот Газа беа обезбедени 883,6 милиони евра, соопшти Европската комисија. На конференцијата учествуваа 65 делегации, меѓу кои земји од Европската Унија, партнерски држави, меѓународни организации и финансиски институции.
Еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица, ја претстави Меѓународната иницијатива за Газа, чија цел е координација на донаторската помош и поддршка на обновата на разурнатата палестинска енклава. Таа истакна дека за успешна испорака на помошта неопходно е да се создадат безбедносни услови, вклучително и разоружување на Хамас.
Средствата ќе бидат наменети за обнова на водоводната и енергетската инфраструктура, здравствениот систем, канализацијата, расчистување на урнатините и подобрување на снабдувањето со храна. На иницијативата досега ѝ се приклучија Европската Унија, Обединетото Кралство, Германија, Франција, Италија и Јапонија. Европската комисија наведува дека целта е меѓународната помош да биде подобро координирана и побрзо да стигне до населението.
Од Брисел потсетуваат дека Европската Унија останува најголемиот меѓународен донатор за Палестинците, со речиси 30 милијарди евра финансиска помош обезбедени од 1994 година до денес.
