Во собраниска процедура е поднесен амандман на Законот за заштита од пушењето со кој се предлага пушењето цигари да биде дозволено само во приватни клубови. Министерот за здравство Азир Алиу очекува законот да биде усвоен во следните две недели и потоа да стапи во сила.
Според предложеното решение, приватен клуб е правно лице со ограничен пристап, наменето исклучиво за регистрирани членови кои плаќаат членарина. Експертската група што го подготви законот не го поддржува овој амандман, оценувајќи дека тој нема да придонесе за намалување на пушењето, особено кај младите.
Инаку, Законот предвидува целосна забрана за пушење и на класични и на електронски цигари на повеќе јавни места, како и во автомобили доколку има малолетно дете. За прекршителите се предвидени казни од 100 до 300 евра за физички лица и од 2.000 до 5.000 евра за правни субјекти.
Угостителските објекти ќе имаат рок од една година да ги приспособат терасите, кои ќе треба да бидат отворени од најмалку две страни. Доколку законот биде усвоен, Македонија ќе воведе значително построги правила за заштита од пушењето.
