Во Собранието денеска продолжуваат разговорите меѓу координаторите на пратеничките групи во обид да се деблокираат измените на Изборниот законик. Од владејачкото мнозинство очекуваат СДСМ и ДУИ да се изјаснат за новиот предлог, според кој македонските државјани во дијаспората би гласале по пошта наместо по електронски пат. Начинот на спроведување на ваквото гласање дополнително би го утврдила Државната изборна комисија со посебен подзаконски акт.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се подготвени да разговараат и за воведување една изборна единица, доколку се обезбеди поширок политички консензус. Во меѓувреме, законските измени остануваат блокирани поради илјадниците амандмани поднесени од СДСМ и Левица, како и несогласувањата околу финансирањето на изборните кампањи и работата на ДИК.
Левица воедно поднесе и иницијатива до Уставниот суд со која го оспоруваат моделот за политичко рекламирање за време на изборите. И покрај разликите, работната група начелно се договорила 97 проценти од буџетските средства за изборно рекламирање да им припаднат на парламентарните партии, а три проценти на вонпарламентарните политички субјекти.
