Иранската војска синоќа испукала најмалку два проектили кон комерцијални бродови што пловеле низ Ормутскиот Теснец, тврдат двајца американски претставници за „Аксиос“. Нападите го доведуваат во прашање меморандумот за разбирање постигнат пред помалку од три недели, со кој Техеран се обврза да ги прекине нападите во оваа стратешка поморска рута. Инцидентите се случија веднаш по истекот на еднонеделниот договор меѓу САД и Иран за привремен прекин на нападите во теснецот.
Според американски извори, двата погодени трговски брода претрпеле сериозни оштетувања, но нема информации за загинати или повредени членови на екипажот. Британската поморска служба UKMTO претходно соопшти дека еден танкер бил погоден од непознат проектил, по што избувнал пожар.
Во меѓувреме, индиректните преговори меѓу САД и Иран во Доха завршија без напредок околу безбедноста на пловидбата низ Ормутскиот Теснец. Вашингтон најавува дека ќе продолжи со дипломатските напори, но американски претставници не ја исклучуваат можноста за воен одговор доколку нападите продолжат.
Ормутскиот Теснец е една од најважните светски поморски рути, преку која во мирнодопски услови минува околу една петтина од глобалната трговија со нафта и природен гас. Иран тврди дека нападнатиот танкер ги игнорирал неговите предупредувања, но официјално не презеде одговорност за нападот.
Поради погребните церемонии за убиениот поранешен врховен лидер Али Хамнеи, разговорите меѓу Вашингтон и Техеран засега се ставени во мирување. Аналитичарите предупредуваат дека новите инциденти во Ормутскиот Теснец дополнително го зголемуваат ризикот од поширока воена ескалација на Блискиот Исток.
