Илјадници ожалостени Иранци денеска се собраа во молитвениот комплекс „Имам Хомеини“ во Техеран на почетокот од повеќедневните погребни церемонии за поранешниот врховен лидер Али Хамнеи. Церемонијата започна со интонирање на националната химна, верски говори и читање извадоци од Куранот.
Хамнеи беше убиен во февруари во првиот голем воздушен напад за време на војната меѓу Иран, Израел и САД, со што заврши неговото 37-годишно владеење. Британските медиуми оценуваат дека со масовните церемонии иранските власти се обидуваат да демонстрираат единство и лојалност кон Исламската Република. Ковчегот на Хамнеи, покриен со иранското знаме и неговиот црн турбан, беше поставен заедно со ковчезите на четворица членови на неговото семејство кои исто така загинаа во нападите.
Илјадници луѓе мавтаа со ирански знамиња и носеа фотографии од Хамнеи, додека толпата скандираше „Смрт за Америка“ и го нарекуваше „маченик“. На собирот се слушаа и повици за одмазда против одговорните за неговата смрт, а поради високите температури беа поставени системи за разладување на присутните.
Според најавите, ковчегот ќе остане во Техеран до утре вечер, по што ќе биде пренесен во Ком, Наџаф и Кербала. Поворките ќе продолжат и во Ирак, пред телото да биде однесено во Машхад. Хамнеи ќе биде погребан во четврток во неговиот роден град, каде се наоѓа најсветото шиитско светилиште во Иран.
Иранските власти очекуваат милиони луѓе да присуствуваат на церемониите во наредните денови. Погребот се одржува во период на зголемени регионални тензии и неизвесност околу идното политичко раководство на Иран.
