Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски денеска во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска постави камен темелник на првиот базен во ООУ „Ацо Шопов“.
„Овој објект ќе биде симбол на она што претставува здрав живот за нашите деца. Од моментот кога станав градоначалник на општина Бутел ветив дека грижата за нашите деца ќе биде мојот фокус. Овој базен, чија изградба ќе биде завршена за 18 месеци, ќе биде модерен објект, изграден по сите стандарди и ќе им служи пред сѐ на учениците, спортистите но и на сите граѓани“, истакна Костовски, додавајќи дека пливањето како спорт има огромно значење за здравјето и развојот на младите генерации.
Со оваа инвестиција која е во вредност од 77.000.000 денари, градоначалникот вели дека овозможуваат не само услови за развој на спортски таленти, туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители од општината.
Објектот ќе се простира на 621 метри квадратни со четири летни за пливање и ќе има посебни простории за соблекувални и тушеви. Базенот ќе ги задоволува сите потреби за тренинг и натпревари според прописите на светската пливачка федерација ФИНА.
