Протестите во Албанија, кои започнаа поради најавената изградба на луксузен туристички комплекс во заштитената лагуна Нарта, прераснаа во масовно антивладино движење. Демонстрантите пред владината зграда во Тирана бараат оставка од премиерот Еди Рама и подобри услови за живот, образование и вработување.
Повод за протестите е проектот вреден милијарди евра, зад кој стои група инвеститори, меѓу кои и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Еколошките организации предупредуваат дека проектот сериозно ќе го загрози живеалиштето на фламингата, кои станаа симбол на протестите.
Незадоволството дополнително се зголеми по објавувањето снимка на која приватно обезбедување тепа демонстрант. Дел од граѓаните сметаат дека градежниот бум во земјата не носи подобар живот, туку служи за перење пари и интересите на олигарсите.
Премиерот Рама тврди дека протестите се дел од демократскиот процес и дека неговата влада останува посветена на реформите и борбата против корупцијата. Во меѓувреме, поранешни соработници на Рама и млада пратеничка што ја напушти неговата партија јавно ја критикуваат владата, оценувајќи дека ја изгубила довербата кај граѓаните. Протестите продолжуваат секоја вечер, а демонстрантите најавуваат дека нема да се повлечат додека не бидат исполнети нивните барања. Рама, пак, не покажува намера да се повлече од функцијата.
Политичката криза се продлабочува во период кога Албанија се обидува да го забрза процесот на пристапување во Европската Унија. Засега, фламингата остануваат симбол на отпорот, а улиците на Тирана центар на најголемите антивладини протести во последните години.
