Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе биде претставен дел од новата воена опрема што Армијата ја доби преку Европскиот мировен фонд. На презентацијата се очекува да присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, евроамбасадорот Михалис Рокас и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Покрај презентацијата, припадниците на Армијата ќе изведат и показна вежба за демонстрација на своите способности. Од Министерството за одбрана информираат дека преку Европскиот мировен фонд се обезбедува воена опрема во вредност од над 40 милиони евра. Досега во земјава се испорачани првиот пакет и дел од вториот, а следува и испорака на дополнителна логистичка, комуникациска и пешадиска опрема. Опремата вклучува радари, термални камери, транспортни возила, симулатори, 3Д-радар и преносни сензори.
