Европската Унија планира да пренасочи дел од средствата од Инструментот за реформи и раст кон Македонија, Албанија и Црна Гора, бидејќи овие земји покажале најголем напредок во спроведувањето на реформите. Според претставници на Европската комисија, земјите што не ги исполниле договорените рокови ризикуваат да останат без дел од предвидените финансиски средства.
Инструментот е воспоставен во 2024 година и предвидува шест милијарди евра за поддршка на реформите во земјите од Западен Балкан до 2027 година. Досега се одобрени околу 673 милиони евра, при што најголемиот дел од средствата се насочени кон Македонија, Албанија и Црна Гора. Босна и Херцеговина се очекува да биде најголем губитник, бидејќи досега не добила средства поради неспроведени реформи, додека Косово и Србија исто така заостануваат.
Европската комисија ќе направи детална проценка на исполнувањето на реформските обврски, по истекот на првиот рок на 30 јуни. Од Брисел порачуваат дека средствата не се автоматско право, туку се исплаќаат само доколку се исполнат договорените реформи. Европската комисија нагласува дека станува збор за стимулативен механизам, а не за казнена мерка. Комесарката за проширување Марта Кос уште во април ги предупреди земјите од регионот да ги забрзаат реформите доколку не сакаат да останат без европските средства.
До крајот на месецов се очекува Брисел да објави колку средства ќе бидат прераспределени и кои земји ќе добијат дополнителна финансиска поддршка. Покрај пренасочување кон најуспешните кандидати, како можност се разгледува и распределба на средствата за техничка помош или нивно префрлање кон други земји кандидати. Од Европската комисија порачаа дека реформите остануваат клучен услов за максимално искористување на финансиската поддршка од Планот за раст.
