По вознемирувачките видеа за врсничко насилство врз девојче во скопски Аеродром, полицијата соопшти дека мајката на малтретираното девојче вчера го пријавила нападот врз нејзината 12-годишна ќерка кој се случил претходната вечер во парк на подрачјето на Аеродром.
Според пријавата, 12-годишното девојче било физички нападнато од 14-годишна малолетничка која била заедно со нејзина другарка и кои претходно ја натерале во два наврати да клекне на колена и да се извинува. Потоа откако тргнала да си оди била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала. Истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители.
За случајот е известен јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, а полицијата работи на утврдување на идентитетот и на други инволвирани малолетни лица за целосно расчистување на случајот по што, според соопштението од МВР, ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „насилство” и за „запуштање и малтретирање на малолетно лице”.
