Дваесетина поранешни и еден актуелен функционер на СДСМ ја промовираа новата платформа „Разговори за иднината“, која ја претставуваат како алтернатива за реафирмација на социјалдемократските вредности. На собирот присуствуваа повеќе поранешни високи партиски функционери, меѓу кои Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров и Гордан Георгиев, како и пратеничката Славјанка Петровска.
Учесниците порачаа дека не формираат нова партија, туку демократска платформа што треба да придонесе за поширока општествена дебата и промени во опозицискиот простор. Дел од нив истакнаа дека не се фракција на СДСМ, но дека нивната цел е да извршат притисок за трансформација на партијата одвнатре. Според организаторите, Македонија има потреба од нов општествен договор и посилна социјалдемократска алтернатива.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека знае што стои зад иницијативата и оцени дека станува збор за политички проект кој не нуди ништо ново. Тој направи паралела со формирањето на ЗНАМ, оценувајќи дека ваквите иницијативи само ги делат опозициските гласови.
Собирот се одржа зад затворени врати, без присуство на медиуми, а по завршувањето беше објавено соопштение во кое се наведува дека платформата има за цел да ја подигне јавната дебата за иднината на државата. Организаторите посочија дека се загрижени за состојбата во државата и можноста за предвремени парламентарни избори во наредниот период.
