Најмалку шест лица загинаа во голем пожар што избувна во десеткатна станбена зграда во белгискиот град Антверпен. Пожарот избувнал пред 10 часот во населбата Линкерувер, а густ чад брзо ги зафатил повисоките катови од објектот во кој живеат повеќе од 200 лица.
Полицијата предупреди дека бројот на жртви може да се зголеми, бидејќи неколку станари сè уште се водат како исчезнати. Во акцијата се вклучени бројни противпожарни екипи, дронови и специјализирани спасувачки тимови, а повредените се пренесуваат во болниците според посебен медицински план. Евакуираните жители се сместени во привремени прифатни центри, а локалните власти ги повикаа граѓаните во близина да останат дома и да ги затворат прозорците поради чадот.
Причината за пожарот сè уште се истражува, а белгиското обвинителство отвори судска истрага.
