Меѓународниот аеродром Скопје пушти во употреба два нови безбедносни скенери со компјутерска томографија, инвестиција вредна околу еден милион евра. Генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт, изјави дека со ова скопскиот аеродром станува првиот на Балканот што користи ваква технологија. Новите скенери ќе овозможат побрза и поефикасна безбедносна контрола, а патниците повеќе нема да мора да ги вадат лаптопите, таблетите и мобилните телефони од багажот.
Според Курт, целта е да се зголеми безбедноста и да се намали стресот при патувањето. Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, истакна дека соработката со ТАВ досега донела инвестиции од околу 50 милиони евра и реализација на 97 проекти низ државата.
Таа најави дека ќе продолжат и активностите за модернизација, реконструкција и проширување на Охридскиот аеродром.
