ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека нема политичка стратегија, визија и план за развој на државата, туку дека единствената политика што ја нуди е, како што велат, попустлив пристап кон официјална Софија.
Од партијата наведуваат дека Македонија има јасна и принципиелна позиција во однос на европските интеграции, со цел не само формално отворање на преговорите со Европската Унија, туку и нивно успешно завршување без нови условувања и блокади.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот став го делат и повеќе меѓународни претставници, кои, како што се наведува во соопштението, предупредиле дека не треба да се бараат отстапки од Македонија без јасни гаранции дека нема да следуваат нови барања од Бугарија поврзани со идентитетски прашања.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека, за разлика од политиките на актуелната Влада, СДСМ и Венко Филипче повторно нудат „матрица на безусловни отстапки“, при што, според партијата, приоритет им е враќањето на власт, а не заштитата на националните интереси.
