Собранието ги усвои измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело, со кои се унапредува системот за органодарителство и трансплантација. Најважната новина е што секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар или преку системот „Мој Термин“ да се изјасни дали сака да биде дарител на органи по смртта, со можност одлуката во секое време да ја промени.
Законот го проширува и кругот на живи дарители до четврти степен на сродство, при што секој случај ќе го разгледува Етичка комисија за да се спречат злоупотреби. Од Министерството за здравство велат дека измените треба да ја зголемат транспарентноста, довербата и бројот на дарители.
Министерот за здравство Азир Алиу најави дека лично ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител. Лекарите потсетуваат дека бројот на достапни органи е недоволен, а еден донор може да спаси повеќе човечки животи.
