Над 900.000 нерегуларни мигранти поднеле барање за легализација на престојот во Шпанија пред истекот на рокот, што е речиси двојно повеќе од првично очекуваните 500.000 апликации. Право на пријава имаа лица кои престојуваат најмалку пет месеци во земјата и немаат кривично досие.
Програмата е резултат на граѓанска иницијатива поддржана од повеќе од 700.000 граѓани, бројни хуманитарни организации, бизнис-заедницата и Католичката црква. Досега околу 360.000 лица веќе добиле привремени дозволи за престој и работа.
Премиерот Педро Санчез ја брани мерката, оценувајќи дека таа е признание за мигрантите кои веќе придонесуваат за шпанската економија, додека опозициските партии Народна партија и Вокс се спротивставуваат на легализацијата.
Со оваа политика Шпанија се разидува со актуелниот пристап на Европската Унија, која се залага за построги миграциски правила, побрзо враќање на мигрантите и формирање центри за враќање надвор од ЕУ. Мадрид смета дека таквите мерки отвораат сериозни правни и хуманитарни прашања и повикува европската миграциска политика да биде во согласност со меѓународното право.
