Бугарскиот амбасадор во Македонија, Жељазко Радуков, вчера бил повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, каде што официјално било изразено незадоволство поради објавувањето на дипломатска нота поврзана со приватното патување на сопругата и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека од официјална Софија било побарано објаснување, како и темелна истрага за тоа како документот станал јавно достапен.
„Во текот на вчерашниот ден беше повикан амбасадорот на Бугарија во МНР, каде што го изразивме високиот степен на незадоволство и нарушувањето на односите преку еден ваков гест и побаравме објаснување и темелна истрага од страна на соседна Бугарија“, рече Муцунски.
Тој нагласи дека ваквото постапување е неприфатливо од аспект на меѓународното право и дипломатската практика, без разлика на политичките односи меѓу државите.
Министерот информираше дека за случајот биле известени и стратешките партнери на Македонија, како и НАТО, бидејќи, според него, станува збор за прашање што ја засега безбедноста на семејството на претседателот на Владата.
Муцунски посочи дека во Македонија редовно престојуваат високи странски претставници и членови на нивните семејства, но никогаш досега не се случило доверливи документи со информации за нивното движење да бидат објавени во јавноста.
Тој изрази загриженост и поради објавувањето на лични податоци за сопругата и малолетното дете на премиерот, оценувајќи дека тоа претставува сериозен безбедносен ризик.
Министерот додаде дека е забележливо постоење на мрежа од социјални профили, портали и ботовски страници кои, покрај државните функционери, сè почесто ги таргетираат и нивните семејства.
„Слободно напаѓајте нè нас. Оставете ги нашите семејства“, порача Муцунски.
Тој потсети дека македонските институции веднаш реагирале и го осудиле инцидентот со палењето на возилата на бугарската амбасада во Скопје, истакнувајќи дека очекува иста одговорност и професионален пристап од бугарската страна во случајот со објавувањето на дипломатската нота.
