Времето денеска ќе биде претежно сончево со мала до умерена локална облачност. Во текот на денот ќе дува слаб до умерен ветер, а во источните делови од земјата повремено се очекува засилен северозападен ветер со брзина над 40 километри на час.
Утринските температури ќе се движат од 4 до 14 степени, додека дневната температура ќе достигне од 24 до 31 степен, што ќе овозможи пријатно и топло време во поголемиот дел од државата.
Во главниот град времето ќе биде сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Температурата во Скопје ќе се движи од минимални 12 до максимални 30 степени.
Според прогнозите на метеоролозите, стабилното време ќе се задржи и во првиот дел од викендот, но веќе од недела се очекува постепена промена на временските услови. Во недела и понеделник претпладне ќе има променлива облачност со сончеви периоди, додека во попладневните часови на повеќе места ќе има услови за локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во вторник и среда времето ќе биде релативно стабилно со променлива облачност и сончеви интервали. Сепак, според најавите, од четврток повторно се очекува зголемување на нестабилноста, проследена со врнежи од дожд, грмежи и повремено засилен ветер.
