Кривична пријава за управител од Куманово и градежна инспекторка поради дивоградба на магацин
СВР Куманово поднесе кривична пријава против 58-годишен управител од Куманово, правен субјект и градежна инспекторка, поради сомнение за бесправно градење и злоупотреба на службена положба и овластување.
Според информациите од полицијата, пријавениот како управител на компанијата и инвеститор на објектот, во текот на 2022 година извршил градежни работи спротивно на одобрениот проект. Иако постоело одобрение за градење издадено на неговиот татко и уште едно лице, при реализацијата на проектот биле направени измени на објектот.
Од МВР наведуваат дека наместо изградба според основниот проект, бил изграден дополнителен кат на магацинот, со што биле прекршени законските прописи за градење.
Покрај управителот и правниот субјект, кривична пријава е поднесена и против 61-годишна градежна инспекторка од Куманово. Таа, според полицијата, како вработена во Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово, не презела службени дејствија и не постапила согласно своите надлежности и обврски.
Од СВР Куманово информираат дека со случајот биле констатирани неправилности во текот на градежните активности, по што бил оформен предмет и поднесени се соодветни кривични пријави.
