Основното јавно обвинителство Скопје и екипи на СВР Скопје извршиле увид во скопското село Копаница, каде била пронајдена 37-годишна жена со прострелна повреда на главата.
По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција, а истовремено се преземаат дополнителни истражни дејствија за утврдување на сите околности поврзани со случајот.
Според информациите од Обвинителството, во непосредна близина на телото бил пронајден пиштол „Глок 19“, кој бил во сопственост на сопругот на починатата.
Сопругот веднаш бил обезбеден од страна на полицијата, по што против него е отворена истражна постапка за кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ согласно Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до судот доставил предлог за определување мерка притвор, кој бил прифатен од судија на претходна постапка.
Од Обвинителството информираат дека истрагата продолжува и дека во соработка со СВР Скопје се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на настанот.
