Вечерва македонската фудбалска сцена ќе добие нов освојувач на Купот на Македонија, а финалниот натпревар меѓу Силекс и Шкендија носи и интересна тренерска пресметка меѓу двајца докажани стратези – Александар Васоски и Јетон Беќири.
Кога се игра финале, фаворити речиси и да нема. Станува збор за еден натпревар во кој одлучуваат моментите, инспирацијата, тактиката и психолошката подготвеност. Токму затоа, голема улога ќе имаат и двајцата тренери, кои треба најдобро да ги подготват своите екипи за најважниот меч сезонава.
И Васоски и Беќири важат за едни од најдобрите македонски тренери во моментов, а зад себе веќе имаат шампионски успеси. Александар Васоски ја освои шампионската титула со Вардар во сезоната 2019/20, додека Јетон Беќири ја предводеше Шкендија до титулата во сезоната 2024/25.
Сепак, и покрај успесите во првенството, ниту еден од нив досега нема освоено трофеј во Купот на Македонија, што дополнително го зголемува мотивот пред вечерашното финале.
За Васоски ова ќе биде второ финале во Купот како тренер. Првпат играше финале во 2021 година кога ја водеше Брера, но тогаш беше поразен токму од неговиот сегашен клуб Силекс.
Од друга страна, за Јетон Беќири ова ќе биде прво финале во Купот на Македонија во неговата тренерска кариера, па ќе има можност за првпат да се бори за овој трофеј.
Вечерашниот дуел така нема да биде само битка меѓу Силекс и Шкендија, туку и директна пресметка меѓу двајца амбициозни тренери кои посакуваат да ја збогатат својата кариера со уште еден значаен трофеј.
