Се подготвува ли тивко теренот за нови предвремени парламентарни избори во Македонија? Изјавите што доаѓаат од политичките лидери во последните денови сè повеќе наликуваат на најава за ново соочување на партиите со граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски меѓу редови вчера посочи дека избори може да има наскоро. Веќе подолго време и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предупредува дека власта се подготвува за избори. На тоа се надоврза и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој изјави дека тие се подготвени „уште утре“ да излезат на избори. Денеска, пак, и претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, повика изборите веднаш да се распишат.
Но, пред евентуално распишување на предвремени избори, партиите имаат обврска да ја завршат домашната задача – донесување нов изборен закон. Тој треба да ги вклучи препораките на ОБСЕ, но и барањата на граѓанските организации и помалите партии. Во јавноста веќе подолго време се бара Македонија да биде една изборна единица, со цел поголема еднаквост на гласот.
Дополнително, се отвора и прашањето за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, како и за појасно регулирање на државното финансирање на изборните кампањи. Оттука, дилемата не е само дали ќе има избори, туку и дали тие ќе донесат суштинска промена во начинот на гласање и претставување.
Ако изборите се распишат без нов закон, ќе значи уште една пропуштена шанса за реформа. Но, ако се искористи моментот, Македонија може да направи чекор напред кон пофер изборен процес.
