Седум лица се приведени под сомнение за обид за палење верски објект на Еврејската заедница во Скопје, а две лица се обвинети за кривично дело „тероризам“, информираше МВР
Обидот за палење синагога и зграда на Еврејската заедница во Скопје се случи на 12 април околу 4:50 часот наутро, кога две лица скокнаа преку ограда, го полеаа влезот со запалива течност и предизвикаа пожар, што беше потврдено со снимки од безбедносните камери.
Во инцидентот немаше повредени, а полицијата започна истрага и ја зголеми безбедноста околу еврејските згради во градот.
Како што денес соопшти МВР, преземени биле соодветни мерки и активности и, врз основа на претходно добиени наредби за претрес на куќа и други простории, бил извршен претрес на 13 локации на територијата на Скопско, при што се приведени седум лица и се запленети предмети и електронски уреди поврзани со кривичното дело.
По наредба на јавен обвинител, лицата се приведени за понатамошна постапка, по што Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против А. Љ. (21) од Скопско и А. Р. (38) од Скопско поради основано сомнение дека сториле кривично дело „тероризам“ по член 394-б од Кривичниот законик во врска со член 24 од Кривичниот законик, а судијата за претходна постапка им одреди мерка притвор.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) информира дека лицата кои се обидоа да ја запалат синагогата во Скопје, имале логистичка мрежа и припаѓале на радикална групација идеолошки надоврзана на глобалната мрежа на Исламска Држава. Според АНБ, тие почнале да преземаат радикални и криминални активности непосредно по повикот на Исламска Држава на почетокот на април.

