Прочитаната книга носи богатство. Колку македонските граѓани се богати? Оваа дилема ја отвораме денеска кога се одбележува Светскиот ден на книгата.
Нема дилема – скоро сите знаеме дека книгите носат богатство, но дали посегнуваме по нив или богатството го бараме во читање кратки и често непотребни информации на телефоните. За многумина богатството е скриено и во билтените на обложувалниците, па најчесто само тоа читаат.
Имаше кај нас и пример кога министерката Мила Царовска сакаше да ги тргне книгите од образовниот процес и се да се дигитализирало што наиде на отпор.
А всушност, во книгите се скриени одговорите и на поставените и на непоставените важни прашања. Тие го објаснуваат светот, но и отвораат нови хоризонти. Не случајно Цицерон рекол: „Ако имате градина и библиотека, имате сè што ви е потребно”.
Граѓаните се фаќаат за потребното или читањето им е непотребно? Повеќето млади читаат книги или бараат Chat GPT да им ги раскаже колку за на училиште?
Еве што ни рекои некои од нашите сограѓани кои ги анкетиравме: „Читам кога имам слободно време“, „Најпрвин возрасните треба да читаат и на тој начин да ги поттикнат и помладите“, „Порано имаше повеќе интерес за читање, отколку сега“, „Децата во денешно време повеќе се пред компјутер и телефон, мислам дека малку читаат“, „Македонските автори малку да го сменат стилот, пишувањето да биде поурбано, пократко“.
Очигледно е дека навиките кај многумина се менуваат, но вистинското значење на книгата останува трајно. Дефинитивно читањето го прави човек поумен.

