На протест против владата во Ерусалим, дел од граѓаните изразија незадоволство од актуелната политика на израелското раководство. Еден од демонстрантите отворено го критикуваше премиерот Бенјамин Нетанјаху, обвинувајќи го дека започнува конфликти кои, според него, не биле неопходни.
„Доста ни е од фашизам, доста ни е од корупција, доста ни е од бескрајни војни и дефинитивно ни е доста од оваа влада“, изјави демонстрантот, изразувајќи го незадоволството на дел од јавноста поради долготрајните конфликти и политичката состојба во земјата.
Тој оцени и дека Израел е „прекумерно милитаризирана“ држава, додавајќи дека во минатото војните биле наметнати од околностите, но дека во последните години се влегува во конфликти по избор.
„Во минатото бевме принудени да влегуваме во војни. Последните три години сведочиме на една војна по друга по сопствен избор. Се обидуваме сè да решиме со воена сила. Тоа не може да функционира“, порача тој.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху во октомври ќе се соочи со општи избори во Израел, што може дополнително да ги засили политичките тензии и да отвори дебата за насоката на безбедносната и надворешната политика на земјата.
