Со падот на режимот на Орбан во Унгарија, наскоро може да дојде до целосно откривање на сите тајни бизнис комбинации меѓу него и Мицкоски, кој ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан – не за државата, туку за свои лични и бизнис интереси, велат од СДСМ.
Во соопштението, опозициската партија посочува неколку сегменти во кои, според нив, постоело влијание на кругови блиски до Орбан во Македонија. Меѓу нив се споменуваат медиумскиот сектор, телекомуникациите, енергетиката, инфраструктурата и кредитните аранжмани.
Во делот за медиумите, СДСМ тврди дека значителен дел од медиумскиот простор во Македонија е под контрола на луѓе блиски до Орбан, преку бизнисмени како Петер Шац и Агнеш Адамик, за кои велат дека управуваат со медиуми што се во функција на ВМРО-ДПМНЕ.
Во телекомуникацискиот сектор, партијата ја споменува компанијата 4iG, поврзувајќи ја со лиценцата за трет мобилен оператор во Македонија, додека во делот за енергетиката се повикува на фирмата „Статус енерџи“, за која тврди дека е поврзана со унгарски бизнис структури блиски до Орбан.
СДСМ го отвора и прашањето за кредитите од Унгарија, оценувајќи дека станува збор за аранжмани што, според нив, ќе ги плаќаат идните генерации. Од партијата на Филипче најавуваат дека ќе бараат целосна истрага за сите, како што велат, бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски.
