Жителите на повисоките делови од скопската населба Водно веќе трет ден се без вода, додека температурите во градот надминуваат 40°C. Во писмен апел до медиумите, тие бараат јавноста да биде информирана за, како што велат, условите во кои живеат – без можност за пиење, лична хигиена и одржување на домаќинствата.
„Се обраќаме како жители на населбата Водно – симболично (иронично) наречена ‘елитна населба’, но очигледно само по цена на метар квадратен, не и по третманот што го добиваме како граѓани,“ се наведува во писмото.
Граѓаните објаснуваат дека, иако се приклучени на градската водоводна мрежа и редовно ги подмируваат своите обврски, се соочуваат со сериозен недостаток од вода. Како што посочуваат, одговорот кој го добиле од службите на ЈП „Водовод и канализација“ бил дека треба сами да се снаоѓаат, со упатување да земаат вода од цистерната поставена кај Турската амбасада.
Поради, како што велат, игнорантскиот однос на институциите, жителите најавуваат дека во текот на денешниот ден ќе ја радикализираат својата реакција, со привремено блокирање на сообраќајот во овој дел од градот, сè додека не добијат конкретни одговори и решенија.
Без вода три дена е и претседателската вила.
И во Бардовци е истиот проблем, но таму повеќе од три месеца жителите се мачат со недостиг на вода. Проблемот е во малиот капацитет на мрежата од Водовод и пренаселеноста на населбата, но и во незаинтересираноста на јавното претпријатие да ги преземе под свое неколкуте краци на водоводната мрежа што во моментов се под управување на здруженија на граѓани.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
