Јавните претпријатија во Скопје трошат милиони евра пари собрани од скопјани, а речиси секогаш во завршните сметки прикажуваат загуби. Зошто се бунар без дно? Во прашање е нивната ефикасност, не работат домаќински директорите или е потребна реорганизација?
На пример, ЈСП минатата година ја заврши со загуба од над половина милион евра, иако доби дури 13,5 милиони евра субвенции од градскиот буџет. Со минус, лани работеле и „Паркови и зеленило”. Нивната загуба е над 600 илјади евра.
И покрај ваквите големи загуби, што се повторуваат секоја година, Градот Скопје за оваа година испланира рекордни 18,5 милиони евра субвенции, од кои најголем дел ќе одат во ЈСП. Но, време е да се види дали субвенциите се решение или тие се само начин да се покриваат загубите и да се тера понатаму оти и онака парите ги даваат скопјани.
Но до кога вака? Граѓаните очекуваат рационално трошење на нивните пари. И секако очекуваат подобри услуги.
Новата градска власт ќе мора да покаже дека знае да воведе ред и одговорност во работењето на претпријатијата. Впрочем тоа беше и ветено за време на изборната кампања.
