Македонската јавност вчера слушна страшни – потресни сведоштва откако почна судскиот процес против Стојанче Јовановски кој е обвинет за насилство и наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана, и нивната шестгодишна ќеркичка Катја.
Обвинетиот подолг период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата. Ја тепал до онесвестување, и се заканувал, а во еден случај дури и ја оставал со детето среде ноќ на отворен пат. Деталите од овие сведоштвата беа потресни за слушање, како што беше потресна и сликата од 2 март кога злоставуваната жена заедно во прегратка со својата ќерка скокнаа од шести кат.
Но, кога јавноста ќе слушне се открива ли кои државни институции не си ја завршиле работата и не успеале да ја спречат оваа трагедија? Насилникот бил неколку пати пријавуван дека ја злоставува сопругата. Кој во МВР, а можеби и во Центарот за социјални работи не си ја докрај завршил работата? Сериозни пропусти има, тоа е очигледно. Не смее и сега да има пропусти, некој треба да одговара за неизвршување на своите работни задачи.
