Со сослушување на сведоци предложени од Јавно обвинителство, денеска во судницата во Идризово продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За денешното рочиште се предложени тројца сведоци – Драги Илиевски, Дејан Рашков и Виолета Георгиевска, сите од Кочани.
Одбраната на обвинетите треба да се изјасни и за предлогот на Обвинителството за повлекување на дел од сведоците, со образложение дека нивните искази веќе се опфатени преку други сведочења.
На претходното рочиште беше сослушан сведокот Живко Ставревски од Дирекција за заштита и спасување, кој посочи дека до 2020 година не биле предвидени редовни инспекциски надзори во општини без инспектори. Тој нагласи дека Кочани во тој период немало соодветна инспекциска покриеност за проверки и превенција.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
