Полицискиот билтен викендов е „богат“ со серија инциденти низ Скопје.
Еден од посериозните случаи се случил во Гази Баба, каде 44-годишен маж бил физички нападнат и удиран со кундак од пиштол.Во исто време, на Бит Пазар се случиле повеќе инциденти со разбојништва, каде едно лице со закана со пиштол извршило грабеж и се обидело да изврши уште два во краток временски период. Во еден од случаите, физички бил нападнат и сопственик на продавница. Полицијата информира дека се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Во засилени контроли во Аеродром и Драчево, пак, откриени се угостителски објекти кои служеле алкохол на малолетници. Во три од проверените локали биле затекнати малолетници кои консумирале алкохол, по што ќе следуваат кривични пријави против одговорните лица. Контролите биле спроведени со цел спречување на ваквите појави, кои, според полицијата, се зачестени за време на викенди.
