Едно лице го загуби животот, а три лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила на патот Кочани – Виница.
Според информациите од полицијата, несреќата се случила на 16 март околу 13:40 часот, во атарот на Виница, при судир меѓу патничко возило „фолксваген туран“, управувано од 59-годишен жител на Штип, и возило „мазда“, управувано од 65-годишен маж од село Истибања.
Во несреќата, 65-годишниот возач од „маздата“ им подлегнал на повредите на местото на настанот, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.
Со тешки телесни повреди се здобила сопатничка од истото возило, додека повреди добиле и возачот на „фолксвагенот“ и негов сопатник, кои биле пренесени во болницата во Кочани.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, а увид на местото на несреќата извршиле надлежните служби.
