Цената на суровата нафта на светските пазари ја надмина границата од 100 долари за барел, за првпат во последните четири години, поради ескалацијата на војната со Иран и нарушувањето на глобалното снабдување со енергенси.
Енергетскиот пазар е под силен притисок поради проблемите во транспортот низ Ормускиот теснец. Низ оваа клучна поморска рута вообичаено поминува околу 20 отсто од од глобалното снабдување со нафта и гас.
Американскиот секретар за енергетика Крис Рајт предупреди дека прекините во поморскиот сообраќај веројатно ќе траат со недели. Тој посочи дека викендов само еден танкер поминал низ Ормускиот теснец, додека во нормални услови низ него дневно минуваат десетици бродови.
Загриженоста за стабилноста на енергетските пазари расте и во Европа. Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа стана првиот западен лидер кој директно го повика иранскиот претседател да овозможи повторно отворање на оваа витална поморска рута.
Во меѓувреме, аналитичарите на инвестициската банка „Голдман Сакс“ предупредуваат дека цената на нафтата може да достигне и до 150 долари за барел доколку кризата не се смири до крајот на месецот. Во најцрните сценарија, дел од трговците со енергенси предупредуваат дека цената би можела да се искачи дури и до 250 долари за барел.
