По вчерашната трагедија во која загинаа мајка и дете во Карпош, а јавноста се дигна на нозе поради се почестите семејни насилства кои завршуваат со смрт, денеска се огласи министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој потврди дека вчера 14 часот е пријавено од страна на случаен минувач дека мајка и девојче скокнале од зграда. МВР веднаш излегло на терен.
Воедно, министерот објасни дека немилите настани имале претходни збиднувања во кои била вклучена и полицијата.
Истиот ден во 12 часот имало пријава за насилство и бил извршен разговор со сега веќе починатата жена, но таа изјавила дека се работело за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција. Младата жена навела дека брачните односи ги решава во бракоразведна постапка. Составена е белешка и како што вели министерот жената го потпишала.
-Сите овие околности детално се документираат и ќе бидат предмет на понатамошна анализа, истакна Тошковски, додавајќи дека МВР ќе ги утврди фактите, вклучително и дали изјавата дадена тој ден била под присила.
Инаку, соопштено е дека поради овој настан едно лице – сопругот е лишено од слобода. Против него во изминатите години полицијата поднела 10 кривични пријави за дела од насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога.

