Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го осуди заедничкиот американско-израелски напад врз Иран како „неиспровоциран“, по телефонски разговор со иранскиот колега Абас Арагчи. Арагчи го информирал Лавров за чекорите што Техеран ги презема „за одбивање на американската и израелската агресија“.
Во официјалното соопштение на руското Министерство за надворешни работи се наведува дека Лавров „го осудил неиспровоцираниот вооружен напад на САД и Израел врз Иран, кој ги крши принципите и нормите на меѓународното право и целосно ги занемарува тешките последици за регионалната и глобалната стабилност и безбедност“. Дополнително, Лавров „ја нагласил потребата од итен прекин на нападите“ врз Иран и враќање на дипломатијата.
Министерството ја пренесе и пораката на Лавров за подготвеноста на Москва да помогне во смирување на тензиите, како и тоа дека „Иран изразил искрена благодарност за континуираната и цврста поддршка што им ја дава Руската Федерација“.
Поранешниот претседател и сегашен заменик-секретар на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев смета дека САД со нападите го покажале своето „вистинско лице“, пренесе француската агенција АФП.
„Сите преговори со Иран беа само параван. Никој не се сомневаше во тоа. Никој не сакаше да преговара за ништо“, порача Медведев.
