Полицијата во Струмица приведе 53-годишна жена осомничена за лихварство, откако била фатена при примање пари од лице на кое претходно му позајмила средства под висока камата.
Според информациите од СВР Струмица, станува збор за Ј.Т. од Струмица, која во јуни минатата година му позајмила на жител од струмичко село 2.700 евра, а подоцна од него побарувала вкупно 15.000 евра, односно значително поголем износ од првично дадениот.
Оштетениот вчера остварил договорена средба со осомничената за да ѝ исплати 100 евра, сума што таа ја определила како месечна камата. Во моментот кога ѝ била предадена однапред обележаната банкнота, полициските службеници ја лишиле од слобода.
По наредба на судија, бил извршен претрес во нејзиниот дом, каде што биле пронајдени и одземени пари во денари и евра, нотарска документација, како и тетратки и белешки со евиденција за позајмени суми. Според првичните сознанија, осомничената во повеќе наврати давала заеми на различни лица и барала враќање на значително повисоки износи, со што стекнувала противправна имотна корист.
