„Пластиката почна да пука, беше многу жешко. Настана стампедо и не можевме да излеземе,” сведочеше денеска Ана Костадиновска, придружен вокал група ДНК, опишувајќи го моментот на трагичниот настан во дискотеката Пулс во Кочани на продолжението на судскиот процес.
Таа објасни дека забележала врата и ги повикала останатите да излезат, но утврдиле дека е заклучена со катанец, по што се обиделе да најдат друг излез, но пожарот веќе бил распламтен.
„Имаше страшен мирис што те тераше да заспиеш. Еден дечко до мене не држеше будни сите. Ногата ми беше приклештена, имаше луѓе над мене. Сцената беше како хорор”, додаде Костадиновска.
На почетокот на денешното рочиште бранителка на сопственикот на „Пулс”, побара префрлање на нејзиниот клиент во затворот во Идризово, бидејќи затворскиот персонал од Куманово, кон него се однесува „деградичарки нечовечки и понижувачки”.
Денешното судење продолжува со распит на уште неколку сведоци, предложени од Обвинителството.
За пожарот во дискотеката „Пулс”, во кој загинаа 63 луѓе, а над 220 беа повредени им се суди на 35 физички и на 3 правни лица, за делото Тешки дела против општата сигурност.
