Јавниот сообраќај во Скопје не е на задоволително ниво. Тоа го гледаат скопјани секој ден на улиците, тоа се виде и на разните подетални извештаи за состојбата во ЈСП.
Стар возен парк, недоволен број автобуси и линии што функционираат со минимум капацитет. Од вкупно 341 автобус, во сообраќај се само 157, а дел од нив се стари и по 30 години. Само 12 отсто ги исполнуваат Еуро 6 стандардите, што значи дека мнозинството не само што е технички застарено, туку и сериозно загадува.
Во такви услови, граѓаните логично бегаат од јавниот превоз и се префрлаат во сопствени автомобили. Но токму тоа го продлабочува сообраќајниот хаос што секојдневно го гуши градот. Џабе се нови булевари и асфалти ако улиците се преплавени со возила, затоа што автобусите се ретки, доцнат или се расипуваат.
Скопје нема време да слуша нови најави и празни стратегии. Потребна е итна реакција за подобрување на јавниот сообраќај.
Секој изгубен месец значи повеќе метеж, повеќе загадување и повеќе нервоза. Ако Скопје сака да дише и да не биде често со закрчени улици, мора прво да го оживее јавниот превоз – сè друго е козметика врз хаосот.

